Денес ќе зборувам како да заштедите повеќе, но не денес, туку утре. Ќе зборувам за Заштедете Повеќе Утре. Тоа е програма која Ричард Телер од Универзитетот на Чикаго и јас ја развивме пред 15 години. Програмата, всушност, е пример за однесување кон финансии на стероиди, како би можеле да го искористиме однесувањето кон финансиите. Сега се прашувате: Што е однесување кон финансиите? Ајде да размислиме за тоа како раководиме со нашите пари. Да започнеме со хипотеките. Тоа е прилично актуелна тема, барем во САД. Многумина ги купуваат најголемите куќи кои може да си ги дозволат, или малку поголеми од тоа. А потоа ги препродаваат. И потоа ги обвинуваат банките дека се лошите момци кои им ја издале хипотеката. Да размислиме за тоа како раководиме со ризиците, на пример, при инвестирање во берза на акции. Пред две, пред три години, пред околу четири години, берзите добро се движеа.. Ние, нели тогаш ризикувавме. Потоа акциите на берза започнаа да паѓаат и си велевме: "Леле. Овие загуби, ги прифаќаме емотивно, тие се многу поразлични од она што реално го очекувавме кога берзите одеа нагоре". Значи не постапуваме баш најдобро кога се работи за преземање на ризик. Колкумина од вас имаат iPhone? Било кој? Одлично. Би се кладел дека повеќето од вас сте го осигурале вашиот iPhone, дополнително плаќате за осигурување преку продолжена гаранција. Што доколку го изгубите вашиот iPhone? Што доколку ви се случи тоа? Колкумина од вас имаат деца? Некој? Држете ги рацете горе доколку имате целосно животно осигурување. Гледам многу од рацете се спуштија. Би предвидел, доколку сте репрезентативен примерок, дека повеќето од вас го осигурале својот iPhone а помалку својот живот, дури и доколку имате деца. Не постапуваме баш најмудро кога се работи за осигурување. Просечното американско домаќинство троши илјада долари годишно на лотарии. И знам дека звучи лудо. Колкумина од вас трошат илјадници долари годишно на лотарии? Ниту еден. Тоа ни кажува дека луѓето кои не се во оваа сала трошат повеќе од илјада долари за да се постигне просекот од илјада. Луѓето со ниски приходи трошат повеќе од илјада долари на лотарии. Каде нè води сето тоа? Не раководиме најдобро со нашите пари. Однесувањето кон финансиите претставува комбинација од психологија и економика, која се обидува да ги разбере грешките кои луѓето ги прават со парите. Јас и понатаму ќе стојам овде и во преостанатите 12 минути и 53 секунди ќе правам шеги на различни начини како ги менаџираме парите, и на крајот ќе прашате: "Како можеме да им помогнеме на луѓето?" Тоа е она на што сакам да се фокусирам денес. Како ги разбираме грешките кои луѓето ги прават со парите, и потоа да го насочиме нашето однесување кон решение? Она за што ќе зборувам денес е Заштедете Повеќе Утре. Сакам да го потенцирам проблемот со штедење. На екранот имаме репрезентативен примерок на 100 Американци. И ќе го разгледаме нивното однесување кон штедењето. Првата работа која треба да се забележи е, дека половината од нив дури и немаат избрано своја 401(к) пензиска шема. Тие не можат туку така да заштедат. Не можат да си дозволат дел од парите од платата да одат за 401(к) пензија пред да ги видат, пред да ги допрат парите. Што е со преостанатата половина од луѓето? Дел од нив избираат да не штедат. Тие едноставно се мрзливи. Тие никогаш не одвоиле време да се регистрираат на сложениот веб сајт и да направат 17 кликови за да се приклучат на 401(к) пензиска шема. И потоа треба да одлучат како ќе инвестираат од вкупно 52 различни начини, а никогаш претходно не слушнале за фонд за акции. Тие се вознемируваат и едноставно се откажуваат. Колкумина од луѓето имаат 401(к) пензиска шема? Една третина од Американците. Две третини воопшто не штедат денес. Дали тие заштедуваат доволно? Да ги тргнеме оние кои велат дека заштедуваат премалку. Еден од вкупно десет заштедува доволно. Девет од вкупно десет или не можат да штедат преку 401(к) пензиска шема, одлучуваат да не штедат - или не одлучуваат, или заштедуваат премалку. Мислиме дека имаме проблем со луѓе кои штедат премногу. Да го погледнеме ова. Имаме едно лице, всушност ќе го пресечеме на половина бидејќи е помал од еден процент. Грубо, половина процент од Американците мислат дека заштедуваат премногу. Што ќе правиме со ова? На тоа сакам да се фокусирам. Потребно е да разбереме зошто луѓето не штедат, и само потоа ќе можеме да ги трансформираме предизвиците во однесувањето во решенија, а потоа да видиме колку тоа може да биде моќно. Ќе одвојам неколку секунди за да ги идентификувам проблемите, предизвиците во однесувањето, кои ги спречуваат луѓето да штедат. Ќе дадам еден пример во кој ќе зборувам за банани и чоколадо. Да претпоставиме дека имаме уште еден TED настан идната седмица. И за време на паузата ќе има мала закуска и би можеле да изберете помеѓу банани и чоколадо. Колкумина од вас мислат дека би избрале банана за време на замислениот TED настан идната седмица? Кој би избрал банани? Одлично. Можам научно да предвидам дека 74% од Вас ќе изберат банани. Тоа една одлична студија го има предвидено. А потоа бројте ги деновите и погледнете луѓето што ќе изберат за јадење. Истите луѓе кои изјавиле дека ќе јадат банани завршуваат јадејќи чоколади една седмица подоцна. Самоконтролата не е проблем за во иднина. Таа е проблем во моментот кога чоколадото е веднаш до нас. Каква врска има времето и штедењето, со неспособноста да се одложи задоволството? Или како што некои економисти го нарекуваат, тековна тенденција. Размислуваме за штедење. Знаеме дека би требало да штедиме. Знаеме дека ќе штедиме идната година, но денес дајте да трошиме. Кога се наближува Божик, би можеле да купиме подароци за сите блиски. Така проблемот со тековна тенденција нè тера да размислуваме за штедење, но завршуваме трошејќи. Да ви кажам за една друга пречка што го оневозможува штедењето која е поврзана со инертноста. Но повторно, мало застранување на тема донирање органи. Извонредна студија која споредува две земји. Ќе разгледаме две слични земји, Германија и Австрија. Во Германија, доколку сакате да донирате органи, не дај боже, доколку нешто многу лошо ви се случи, откако ќе земете возачка дозвола или лична карта, вие го пополнувате полето кое вели: "Би сакал да ги донирам моите органи". Многумина не сакаат пополнување полиња. Потребен е труд. Треба да мислите. Дванаесет проценти размислуваат. Австрија, соседна земја, помалку слична, помалку различна. Во што е разликата? Па, сè уште имате избор. Вие ќе одлучите дали сакате да ги донирате органите или не. Но кога ќе ја земете возачката дозвола, го пополнувате полето доколку не сакате да ги донирате вашите органи. Никој не го пополнува полето. Тоа е прилично голем напор. Еден процент го пополнуваат полето. Преостанатите не прават ништо. Правење ништо е многу чест случај. Многу малку луѓе пополнуваат полиња. Какво е влијанието на оваа мала разлика врз спасувањето на животи и постоењето на расположиви органи? Во Германија, 12 проценти го пополнуваат полето. Дванаесет проценти донираат органи. Голем недостаток од органи, не дај боже, доколку ви затреба некој. Во Австрија, повторно, никој не го пополнува полето. Затоа, 99% од луѓето се донори на органи. Инертност, недостиг од акција. Која е основната поставка доколку луѓето не прават ништо, доколку тие и понатаму избегнуваат и не пополнуваат полиња? Многу моќна. Ќе зборуваме за тоа што се случува кога луѓето се вознемирени и заплашени за да изберат своја 401(к) пензиска шема. Дали ќе им овозможиме автоматски да се приклучат на шемата, или ќе ги оставиме надвор од неа? Во голем број од 401(к) пензиските шеми, доколку луѓето не преземат ништо, тоа значи дека тие нема да штедат за пензија, доколку не го пополнат полето. А пополнувањето на полето бара труд. Спомнавме неколку предизвици во однесувањето. Уште една работа пред предизвиците да ги претвориме во решенија, која е поврзана со мајмуни и јаболка. Не, не, ова е вистинска студија и таа кажува многу за економиката на однесување. Една група на мајмуни добива едно јаболко. Тие се прилично задоволни. Другата група добива две јаболка, а едното им се одзема. Тие сè уште имаат едно јаболко. Тие побеснуваат. Зошто ни ги одзедовте нашето јаболко? Ова е страв од загуба. Ние мразиме да губиме работи, дури и кога тоа не значи голем ризик. Не би сакале да отидете до банкоматот, да извадите 100 долари и да забележите дека ви недостасува една банкнота од 20 долари. Многу боли, иако истото скоро ништо не ви значи. Овие 20 долари би можеле да бидат еден краток ручек. Стравувањето од загуба исто така се јавува кога се работи и за штедењето, бидејќи многумина, ментално и емотивно и интуитивно го сфаќаат штедењето како загуба бидејќи треба да кратат од трошењето. Ги спомнавме сите видови на предизвици во однесувањето кои се поврзани со штедењето. Без оглед дали размислувате за итно задоволување, и за чоколадите наспроти бананите, едноставно преболно е да штедите сега. Многу позабавно е да трошите денес. Зборувавме за инертноста и донирањето органи и пополнувањето на полето. Доколку луѓето мораат да пополнуваат многу полиња за да се приклучат на 401(к) пензиска шема, тие ќе продолжат да го избегнуваат и нема да се приклучат. И на крајот зборувавме за стравот од загуба, и за мајмуните и јаболката. Сè додека луѓето ментално го сфаќаат штедењето за пензија како загуба, тие нема да започнат да штедат за пензија. Затоа ги имаме овие предизвици, и она што Ричард Телер и мене отсекогаш нè фасцинирало, да се промени однесувањето кон финансиите, однесувањето да се постави на стероиди или однесување кон финансиите верзија 2.0 или да се примени однесувањето кон финансиите, да се претворат предизвиците во решенија. И дојдовме до засрамувачки едноставно решение наречено Заштедете Повеќе, не денес, Утре. Како тоа ќе ги реши предизвиците за кои зборувавме? Доколку се сетите на проблемот со бананите наспроти чоколадите, мислиме дека ќе јадеме банани идната седмица. Мислиме дека ќе заштедиме повеќе идната година. Заштедете Повеќе Утре им нуди на вработените да заштедат повеќе идната година, некогаш во иднина кога самите себе можеме да се замислиме како јадеме банани, волонтираме во општеството, вежбаме повеќе и ги правиме сите добри работи на планетава. Исто така зборувавме за пополнување на полиња и за тоа колку е тешко да превземеш акција. Заштедете Повеќе Утре ова го олеснува. Тоа е автопилот. Штом ќе ми речете дека би сакале да заштедите повеќе во иднина, да речеме секој Јануари вие ќе започнете да штедите автоматски и дел од вашата плата ќе оди во 401(к) пензиската шема пред да го видите, пред да го допрете, пред да го добиете чувството за брзо задоволување. Но што ќе правиме со мајмуните и стравот од загуба? Доаѓа следниот Јануари и луѓето мислат дека колку повеќе штедат, толку помалку имаат за трошење, а тоа е болно. Можеби тоа не би требало да биде Јануари. Можеби би требало луѓето да ги натераме да заштедат повеќе кога ќе заработуваат повеќе пари. На тој начин, кога заработуваат повеќе, кога имаат поголеми примања, тие не треба да скратат од трошењето. Земаат по малку од зголемувањето на платата и трошат повеќе, земаат мал дел од зголемувањето и го внесуваат во 401(к) пензиската шема. Таква е програмата, засрамувачки едноставна, но како што ќе видиме, неверојатно моќна. Првпат ја воведовме, Ричард Телер и јас, уште во 1998 година. Средно голема компанија во западниот дел, најобични работници во фабрика, кои мака мачат со плаќање на сметките постојано повторуваа дека не можат да заштедат повеќе. Заштедувањето повеќе денес не е решение. Им понудивме да штедат три проценти повеќе секој пат кога ќе добијат покачување. И еве ги резултатите. Овде гледаме три и пол годишен период, четири покачувања на плата, луѓе кои едвај одвојувале за заштеда, кои заштедувале три проценти од својата плата, три и пол години подоцна заштедуваат скоро четири пати повеќе, скоро 14 проценти. Гледаме и чевли и велосипеди и други работи на оваа слика бидејќи не сакам туку така да нафрлам бројки во вакуум простор. Сакам да верувам во фактот дека заштедувањето четири пати повеќе е огромна разлика од аспект на животниот стил кој луѓето ќе можат да си го дозволат. Реално е. Не се само бројки на парче хартија. Каде што со заштедувањето три проценти луѓето можеле да си купат убави патики за да можат да пешачат, бидејќи не можат да си дозволат било што друго, кога заштедуваат 14 проценти, тие би можеле да си дозволат убави чевли за да отидат и да се повозат со возилото. Ова е значителна разлика. Досега, околу 60 проценти од големите компании всушност имаат применето вакви програми. Тоа е дел од Актот за Пензионерска Заштита. И непотребно е да спомнам дека Телер и јас имавме среќа да бидеме дел од оваа програма и да направиме нешто различно. Дозволете ми да завршам со две клучни пораки. Едната е дека однесувањето кон финансиите е екстремно моќно. Ова е само еден пример. Втората порака е дека има уште многу да се направи. Ова е само врвот на сантата мраз. Доколку размислувте за луѓето и хипотеките и купувањето куќи и потоа неможноста да ги исплаќаат, потребно е сите да размислиме за ова. Доколку размислувате за луѓето кои преземаат преголем ризик, а не разбирате колкав ризик преземаат или преземаат премал ризик, потребно е сите да размислиме за тоа. Доколку размислувате за луѓето кои трошат илјадници долари годишно на лотарија, потребно е сите да размислиме за тоа. Просекот всушност, рекордот е во Сингапур. Едно просечно домаќинство троши 4.000 долари годишно на лотарија. Имаме многу што да направиме, многу да решаваме, исто и во областа на пензионирањето кога станува збор за тоа што луѓето прават со парите по пензионирањето. Едно последно прашање: Колкумина од вас се сигурни дека пред да решите да се пензионирате имате навистина издржан план план кој кога ќе се пензионирате, кога ќе ги прифатите бенефитите од Социјалното Осигурување, ќе ви го овозможи посакуваниот живот, посакуваната месечна потрошувачка а без притоа да се грижите дека ќе останете без пари ? Колкумина од вас веруваат дека имаат издржан план за во иднина, план за после-пензионирањето. Еден, два, три, четири. Помалку од три проценти од многу софистицирана публика. Однесувањето кон финансиите има долго патешествие. Постојат многу можности за да го направите моќно повторно и повторно и повторно. Ви благодарам. (Аплауз)